Мислења Приказни За нас Вклученост Reports
Регистрирај се
Придружи се на U-Report, твоето мислење е важно
STORY
Децата презедоа средба на високо ниво во Владата на која се дискутираше за иднината на образованието

Скопје, 20 ноември 2020: На Светскиот ден на детето, шест млади застапници учествуваа на средба на високо ниво “За децата, од децата“ на која се зборуваше на една од најитните теми: како да се преосмисли иднината на образованието и да се создаде уште подобро образование по КОВИД-19.


Секоја година на 20 ноември – за да се одбележи потпишувањето на Конвенцијата за правата на децата на Обединтетие нации – го прославуваме Светскиот ден на детето со активности за децата, од децата.


Оваа година, претседателот на Владата Зоран Заев, заедно со министрите за образование и наука, труд и социјална политика, животна средина и просторно планирање и со шефот на Делегацијата на Европската Унија Дејвид Гир и претставничката на УНИЦЕФ Патриција Ди Џовани се собраа за да ги слушнат младите и да дискутираат на теми што ги одбраа младите. Темите се однесуваа на квалитетна настава, намалување на дигиталниот јаз во образованието, менталното здравје и врсничкото насилство во образованието, вештини за учење наспроти паметењето факти, еко-училиштата и правичноста и инклузивното образование.


“Нашата цврста намера е да дизајнираме образовен систем кој ќе создава личности кои ќе размислуваат критички и ќе донесуваат заклучоци базирани на факти, докази и анализи,“ рече Зоран Заев, претседател на Владата.


“За да изградиме следна генерација која ќе може да се вклучи во општеството – и да има чувство на исполнетост кога го прави тоа – неопходно е да постои образовен систем соодветен на таа цел,“ рече амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија.


“Денес не станува збор за тоа како да се вратиме на “нормалното“ по пандемијата, станува збор за тоа како подобро да го надградиме тоа што го имавме затоа што “нормалното“ никогаш не беше доволно. Денес сме тука да ги слушнеме младите кои имаат огромен увид во тоа како  замислуваат подобра иднина  за себе и за идните генерации, а од нас зависи да ги ислушаме и да го земеме предвид тоа што имаат да го кажат, “ рече Патриција Ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ.  


Младите ги нагласија следните прашања:


- Со промената на потребите на учениците треба да се менуваат и методите на предавање -  Кристијан Поповски повика на подобрување на квалитетот на наставата

- Местото на живеење не треба и не смее да биде предуслов за еднакво достапно образование – младиот застапник Кудрет Феризи повика да се намали дигиталниот јаз во образованието

- Сакаме да живееме во систем во кој кон менталните нарушувања нема да се гледа со презир, туку ќе се пристапува со емпатија -  Сара Ковачовска го потегна прашањето на ментално здравје и меѓуврсничко насилство

- Учениците нe треба да бидат пасивни на часовите, туку активни придонесувачи.  Треба да дебатираат меѓу себе, да кажат кога не се согласуваат, но да понудат аргументи за своите тврдења и констатации -  Ерона Азизи зборуваше за поефикасно учење

- Сончевите панели не само што ќе ја намалат годишната емисија на CO2  на нашите училишта туку ќе придонесат училиштата да станат финансиски понезависни – Васил Ханџиски зборуваше за создавање еко-училишта

- Не можеме да имаме инклузивно образование без пред тоа да има емпатија и солидарност помеѓу нас, соучениците -  Христина Јовчевска ја потегна темата за инклузивно образование


Во дебатата што следеше претставниците на Владата потврдија дека за голем дел од нивните размислувања и сугестии ќе се побараат решенија и дека ќе се организираат средби и дебати преку нивните претставнички организации за да се спроведат предложените решенија.


„Ние возрасните сме овде за да го слушнеме гласот на сите ученици и млади во државата. Оваа влада е посветена на воведување на системи кои се одржливи и кои ќе даваат резултати. Тоа го правиме со менување на наставните програми за основно и за средно образование, и во јакнење на инклузивното образование и во јакнење и вложување во наставниот кадар којшто е многу важен во целиот образовен процес и преносот на знаењето кон учениците“, рече министерката за образование и наука Мила Царовска.


„Ме радуваат ваквите настани кога директно ги слушаме согледувањата и предлозите на децата. Впрочем, Конвенцијата за правата на детето повикува да се јакне детското учество за сите прашања што ги засегаат децата. Со премиерот и колегите во Владата ќе мораме да размислиме како почесто да го слушаме детскиот глас во креирањето јавни политики. Зашто, децата се иднината на светот,“ рече Јагода Шахпаска, министер за труд и социјална политика.


„Чистиот воздух не е политичко прашање и треба да најдеме заедничко решение. Наша обврска е да работиме на долгорочни стратегии. Иднината ви припаѓа вам и на моето дете,“ рече Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање.


Средбата беше организирана од Владата во партнерство со УНИЦЕФ и Делегацијата на ЕУ, и Младински образовен форум.


Првиот настан кога младите преземаа се одржа во 2019 година кога младите застапници во име на нивните врсници зборуваа со предаденост за квалитетно образование, инклузија на деца и млади, невработеност и одлив на мозоци, насилството и климатската криза.


Покрај овој настан, во знак на одбележување на Светскиот ден на детето, денес зградите и обележјата во Скопје ќе се осветлат во сина боја како симболичен гест на нивната заложба за унапредување на правата на децата. Владата, Собранието, УНИЦЕФ, делегацијата на ЕУ, Министерството за образование и наука, Археолошкиот музеј, Музејот на современа уметност, Амбасадата на Италија, како и приватните партнери Халк банка и Рамстор мол се приклучија кон иницијативата.

Погледнете како го вклучуваме гласот на младите за позитивна социјална промена.
ИСТРАЖИ
UNICEF logo