Кога ќе им се даде шанса и доверба, и кога ќе се оспособат со потребните вештини за да бидат лидери во своите заедници, децата и младите имаат огромен потенцијал – за креативност, иновации и за промени.
Сепак, најновите истражувања покажуваат дека младите во земјава се чувствуваат исклучено и имаат ограничени можности да ги предводат промените кон подобра иднина за себе и за идните генерации:
- 85 проценти од младите никогаш не учествувале во консултации што ги спроведува државата, а 6 од 10 млади веруваат дека не можат да влијаат на работата на институциите
- Само една третина од младите се оптимистични дека земјата се движи во правилна насока
Оваа реалност, заедно со сиромаштијата, недостатокот на квалитетно образование, ограничените можности за работа, загриженоста за менталното здравје и околината, ја обликува перспективата на младите луѓе. Пандемијата со КОВИД-19 дополнително ги влоши овие предизвици, но претставува и единствена можност светот да се преосмисли заедно со самите млади, за тој да стане подобар за сите деца и младинци.
Претседателот Пендаровски и УНИЦЕФ започнаа нова иницијатива „Преосмисли ја иднината“ за да им се даде простор на децата и младите да се вклучат во дефинирањето на визијата за иднината што ја сакаат за себе и за идните генерации.
Во првата фаза од младинските консултации, младите на возраст од 12 до 19 години беа поканети да учествуваат во онлајн-анкета и да ги споделат своите гледишта за промените што би сакале да ги видат, за она што ги мотивира и за она што најмногу ги загрижува. Анкетата претставуваше и можност да испратат порака до носителите на одлуки и да ја споделат својата визија за земјата 10 години отсега. Учествуваа вкупно 527 млади.
Резултатите од анкетата, односно темите кои преовладуваат и претставуваат најголем предизвик за младите денес, ги дефинираа следните фази од иницијативата и темите кои се обработуваа во рамките на тематските работилници. Врз основа на добиените одговори, работилниците се фокусираа на 3 клучни области: квалитетно образование, квалитет на живот, животна средина и урбанистичко планирање. Резултатите од работилниците ќе бидат презентирани во финалната фаза од иницијативата.
Дали сакаш да го споделиш твоето мислење на прашања поврзани со овие теми? Стани U-Reporter и одговори го прашалникот.